3 омилени работи од пекара

Мирисот кога ќе поминеш покрај некоја пекара. Неописливо чувство на задоволство и инстант чувство на глад. Така инспирирани едно утро, решивме да направиме рангирање на топ 3 работи кои најчесто ги јадеме или би ги купиле од пекара. И секако, споделуваме рецепти како сами да ги приготвите дома. Си даваме право следниот месец повторно да објавиме 3 нови омилени работи од пекара, зошто да не? 

Скопска симит погача

8 симит погачи | 30 минути

Состојки:

За погачите

500 гр брашно
300 мл млака вода
3 – 4 лажици оризово млеко во прав
100 мл масло
1 лажичка сол
2 лажички шеќер
1 сув квасец

За мрсна пита

800 р брашно
400 мл вода
2 лажички сол

Подготовка:

  1. Раствори го оризовото млеко во млаката вода. За погачките, замеси тесто од сите состојки за тесто и остави го да стаса. Откако ќе стаса, размеси го тестото и од него направи 8 – 10 подебели кифли, намачкај ги со масло и стави ги да стасаат околу 15 – 20 минути, зависно од собната температура.
  2. За тоа време, загреј ја рерната на 220 степени. Штом ќе стасаат, печи ги кифлите до поцрвенување. Кога ќе ги извадиш од рерна, повторно премачкај ги со масло.
  3. За мрсната пита, замеси тесто и меси го околу 10 минути. Подели го тестото на 5 топчиња и потоа расукај ги и премачкај ги со масло. Остави ги да го впијат маслото околу 15 минути.
  4. Потоа на чаршав растегни кора од едно кругче, внимателно за да не ти се скине кората. Искини ги подебелите теста околу и попрскај ја кората со масло. Преклопи ја кората како плико и тргни ја на страна. Големината треба да ѝ биде отприлика како тавчето во кое ќе ја печеш.
  5. Направи го истото со следната кора, со тоа што во нејзината средина стави ја првата свиткана кора и врз неа преклопи ја втората како плик.
  6. Повтори ја процедурата и со третата кора, односно секојпат новосоздаденото пликче стави го во средина од новата растегната кора. На секоја кора и секое преклопување попрскај со масло.
  7. Стави ја питата во намрсено тавче и остави ја да отстои 15 минути. Од стоењето, сама од себе ќе формира меури.
  8. Печи ја питата на 220 степени во загреана рерна. Сервирај си на класичен начин, парче пита во средина од погача и чашка јогурт.

Пита со праз

4 лица | 60 минути

Состојки:

250мл топла вода
2 мали лажички шеќер
1 мала лажичка сол
1 кесичка сув квасец
500гр брашно
1-2 страка праз

Подготовка:

  1. Сите состојки освен водата се ставаат во голем сад и се мешаат, па се додава топлата вода и се замесува тесто. Водата треба да е топла, но не врела. Врела вода ќе го изгори квасецот и нема да нарасне, а и со ладна вода нема да нарасне тестото. Тестото се покрива со капак или крпа и се остава да стаса. Тестото треба да нарасне двојно повеќе и/или да има дупчиња по него. Се попрскува со брашно и повторно се замесува.
  2. Во зависност од тавата се сука големинта на кората или се дели на 4 дела. Се набрашнува површината за сукање, се става 1/4 тесто (1 дел) и се сука во големина малку поголема од тавчето. Тавчето се намрсува со зејтин или путер. Се става првата кора и се полни со сецкан праз.
  3. Втората кора исто се сука да биде потенка и поголема од тавчето, бидејки ќе се гужва. Се попрскува со зејтин и се пече на 200 степени околу 30 минути.

Баварски перек

4 – 6 переци | 2 – 3 часа

Состојки:

За тесто

40гр сув квасец
150мл млака вода
1/2 лажичка кафеав шеќер
250гр брашно
1 лажичка сол
1 лажица растопен путер

За варење

1,5 л. вода
1/3 шоља сода бикарбона

За печење

1 жолчка
крупна сол

Подготовка:

  1. Стави го квасецот во млака вода со лажичка кафеав шеќер и остави го 10 минути да се развие. Во длабок сад, измешај го брашното, 1 лажичка сол и 1 лажица растопен путер. Потоа, направи дупка во брашното и додади го квасецот со водата. Не меси. Со прсти од страна покриј го тестото кое почнало да скиснува и остави го така околу 30 – 40 минути, да се развие квасецот. Потоа размеси го и остави го да стаса, односно да порасне двојно од својата големина.
  2. Откако ќе стаса, тестото отвори го со рака и подели го на 4 или 6 дела. Секое делче отвори го со сукало и ролај го во ролна од околу 30см. Додека ги работиш тестата, покриј ги останатите со крпа за тестото да не фати корка. Откако ќе ги завршиш сите, со прсти растегни ги до 60см и формирај переци. Така формирани, стави ги во замрзнувач околу 40мин.
  3. Во тенџере на оган стави ја водата со содата. Почекај да зоврие и изгаси го шпоретот. Секој перек спушти го во водата по 10 секунди и нареди го во плехот за печење.
  4. Во мал сад измати ја жолчката со малку вода за да ги премачкаш переците пред печење. Нароси крупна сол и засечи ги со остар нож за да се отворат при печење. Печи во загреана рерна на 180 степени околу 12-15 минути.

Набави си ги состојките потребни за рецептот кој реши прв да го пробаш

Оди на Paket.mk

All search results