Три работи кои можеш да ги направиш за помал отпад

Во последните години, актуелна тема на глобално ниво е отпадот кој секојдневно го создаваме преку различни активности. Управувањето со отпадот станува се поважна тема која ја обработуваат активисти и еколози, како и сите свесни граѓани кои се грижат за животната средина. Истражувавме и споделуваме неколку начини на кои може да се активирате во разни акции во Македонија со што ќе дадете ваш допринос во намалување на отпадот и загадувањето, рециклирање, а кои исто така имаат хуман карактер.

1. Чувај ги капачињата од пластичните шишиња и донирај ги на Едно капаче – Една надеж+

Сите знаеме дека пластичните шишиња треба да се рециклираат односно да се фрлаат во посебни корпи за пластика. Но дали сте слушнале за хуманитарно-еколошката акција „Едно капаче – една надеж“? Акцијата започнала во 2013 година од Македонска медицинска студентска асоцијација со цел да се соберат што е можно повеќе пластични капачиња. Капачињата се испраќаале во Турција каде што се рециклирале, а за количина од собрани 300 илјади капачиња од шишиња се добива една инвалидска количка. Таа се донира на семејство кое што има потреба, а нема финансиска можност самостојно да си ја обезбеди. Акцијата „Едно капаче – Една надеж+“ на Министерството за животна средина и просторно планирање е продолжување на веќе постоечката акција на Македонската медицинска студентска асоцијација чии размери ги надминаа капацитетите на оваа ентуијастичка иницијатива. Министерството за животна средина и просторно планирање, препознавајќи ја големината на оваа хуманитарно-еколошка акција и покренувајќи ги сопствените ресурси и ресурсите на партнерите од бизнис заедницата, најде решение и ја продолжува активноста. Кон акцијата се приклучија Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување Пакомак, кое се грижи за преземањето и транспортот на собраните капачиња и компанијата за рециклажа Ре-Пласт.

Како функционира? Вие собирате одредена количина на капачиња, контактирате со Министерството за животна средина преку фејсбук страницата Едно капаче – Една надеж + кои ве ставаат на список за подигнување на капачињата. Понатаму, работата ја презема Пакомак кој доаѓа до вашата адреса и ги подигнува капачињата. За да се приклучите и вие кон оваа хумана и еколошка акција, исконтактирајте преку фејсбук страницата Едно капаче – Една надеж + и во порака испратете ги следните податоци: контакт лице и телефон, адреса од каде ќе се подигнуваат капачињата и количина на капачиња (1 кеса, 1 кутија, итн.).

2. Чувај го искористеното масло и предај го на компанија за справување со отпадно масло

Што правите со искористеното масло после готвење? Правилното отстранување на користеното масло за јадење е многу важно во управувањето со отпад. Маслото е полесно од водата и има тенденција да се шири во тенки и широки мембрани на површината на водата, кои ја попречуваат оксидацијата на водата. Поради ова, 1 литар масло може да загади колку 1 милион литри вода. Исто така, отпадното масло може да се згусне во самите канализациски цевки и да предизвика блокирање на движењето во нив. Поради ова, маслото за јадење никогаш не треба да биде фрлано во мијалникот на кујната или во тоалетот.

Од отпадното масло за готвење можете да се ослободите на соодветен начин ако маслото се депонира во соодветен пластичен сад, кој понатаму се предава на овластена фирма за управување со овој отпад, односно може понатаму да се рециклира. Ваквото отпадно масло може да се користи за производство на сапун или биодизел.

Фирми кои се занимаваат со собирање на отпадни масла ќе најдете на Златна книга.

3. Размени и реупотреби во модната индустрија

Модата се врти околу најновите трендови, но таа е индустријата која стои зад кривата на единствениот тренд кој е крајно важен – потребата да ги смениме нашите модели на потрошувачка за да се обезбеди опстанок на планетата. 

  • Модната индустрија е одговорна за 10% од емисијата на јаглерод диоксид на планетата – повеќе од сите меѓународни летови и поморски транспорт.
  • Бојата за текстил е вториот најголем загадувач на водата. Потребни се околу 2000 литри вода за производство на еден типичен пар фармерки.
  • Поголемиот дел од компаниите кои произведуваат брза мода користат пластика како материјал – истата за брзо време завршува на депонија, разградувајќи се на микрочестички кои трајно ја загадуваат почвата.

Избери да реупотребиш или да размениш старо парче облека кое не го користиш, наместо да купуваш ново. Second-hand култрата на запад е во голем подем и вакви продавници можат да се најдат во секој поголем град. Иако кај нас оваа култура не се негува и вакви продавници ретко може да се најдат, постојат организации кои се залагаат за подигнување на свеста на потрошувачкиот карактер на денешното општество кој диктира ритам купи-фрли-купи, што ѝ нанесува огромна штета на планетата, не само во смисла на загадување, туку и во смисла на исцрпување на нејзините ресурси. Еден ваков настан – Размена на книги и облека се одржа на 18 февруари во Скопје каде присутните можеа да подарат или да заменат облека, книги и други предмети. Една од целите на настанот е и да ја поттикне свеста за порационално користење на ресурсите, споделување и солидарност меѓу луѓето. Прочитај повеќе за идејата и целта на настанот тука и информирај се за следни вакви настани.

Прикажи ги сите резултати